Русија стои зад обидите да се промени косовската граница, обвини Харадинај

Корекцијата на границите на Косово е погрешно и тие кои лобираат за тоа се против независно и суверено Косово, изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај, во емисијата „Темпора“ на тиранската телевизија Ора њуз.

„Официјалната Тирана, министрите и Парламентот, сите треба да го задржат ставот за Косово од 17 февруари 2008. Кој било од избраните функционери во Албанија кој мисли поинаку, го предал Косово. Тоа е како јас да зборувам за Албанија и да кажам југот дајте ѝ го на Грција или дајте ѝ го Скадар на Црна Гора, изјави Харадинај.

Тој додава дека „Амерканците во секоја нивна официјална изјава не ја фаворизираат оваа опција, туку ги слушаат страните“.

„Америка никогаш не го довела во прашање независно и суверено Косово. Единствени кои тоа го прават се оние кои се обидуваат да ја убедат Америка дека корекцијата на границите е вистинската формула. Се лобира од Косово, од Србија и од официјална Тирана за да се убедат САД дека корекцијата на границите е вистинската формула. – Тие прават голема грешка“, изјави Харадинај, додавајќи дека и медиумите „паднале во нивната стапица“.

Харадинај нагласи дека зад овие лобирања стои Русија, додавајќи оти ово „не е проект на една личност, туку една многу поголема агенда“. Според него, многу медуми, аналитичари и функционери „паднале во стапицата на Москва, за што добиле големи финансиски средства“.