Орбан се пожестоко против миграцијата и ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Орбан ослободува од данок жени кои имаат четири деца

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја започна кампањата за претстојните избори за Европскиот парламент. Тој притоа побара од гласачите да ги бранат христијанските држави против имиграцијата.

Во жестокиот годишен говор за состојба на нацијата што го одржа пред одбрана публика во Будимпешта премиерот Орбан ги опиша изборите за Европскиот парламент во мај годинава како „историски крстопат“ за Европа.

„Мораме да разбереме дека европскиот народ достигна историска раскрсница. Оние што одлучуваат во корист на имиграцијата и мигрантите од која било причина, во реалноста создаваат мешани нации. Во таквите земји историските традиции завршуваат и се создава нов свет“.

Орбан остро се нафрли и врз лидерите на Европската унија кои, како што рече, сакаат да ја наполнат Европа со мигранти од другите континенти.

Според него, бирократијата во Брисел била под влијание на „финансиски полубогови“ кои на луѓето им кажуваат како и со кого да живеат.

„Борбата стана отворена откако Џорџ Сорос стави социјалист по име Тимерманс, кој е на чело на промиграциските сили. Тој е на чело на листата на проимигрантски партии. Ете за тоа се работи на изборите за Европскиот парламент“.

Сегашниот потпретседател на Европската комисија Франс Тимерманс е главен кандидат во трката на групата социјалисти и демократи на изборите за Европскиот парламент.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави и низа мерки против негативните демографски трендови во земјата.

Меѓу другото, тој најави дека неговата влада значително ќе ја зголеми финансиската помош, како и олеснувањата на семејствата со повеќе деца, вклучувајќи и доживотно ослободување од данок на приходите.

Орбан рече дека од овој данок доживотно ќе бидат ослободени жените кои ќе родат најмалку четири деца и оти новите мерки треба да го запрат падот на бројот на жители во Унгарија и не претставуваат „одговор на Унгарија“ на имиграцијата.

За време на неговиот говор во Будимпешта се одруваа антивладини демонстранти. Бернадет Шел, незвисна пратеничка вели:

„Телевизијата лаже, радијата и весниците лажат и поголемиот дел од медиумите лажат, исто како и владата, затоа Виктор Орбан се чувствува сигурно, но не би требало да биде. Сè уште има слободни медиуми и се уште има слободни граѓани“.

Обидите на Орбан да изгради „нелиберална држава“ во Европската Унија ги гледаат како закана за владеењето на правото и демократијата.