Претседателот на Собранието, Талат Џафери го потпиша решението за распишување на претседателските избори и предвремени локални избори за градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село. Првиот круг од изборите треба да се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај.
“Фер и демократски услови ќе бидат еден од условите по кој ќе не оценуваат и вреднуваат во нашето натамошно евроатласнко интегрирање. Затоа ги повикувам сите учесници во изборниот процес да се однесуваат согласно Уставот и законите и Македонија да добие избори какви што и доликуваат на една европска земја за доброто на сите граѓани и за остварување на државните стратешки интереси”, изјави Џафери.
Тој упати повик и до надлежните институции да направат сè, изборниот ден да помине во мирна и демократска атмосфера.
Согласно Изборниот законик, не треба да поминат повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивно одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов завршува на 12 мај.
Политичките партии досега официјално немаат објавено кандидати за претстојните претседателски избори. Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кандидатите решија да ги избираат преку јавен оглас. Од помалите политички партии како од македонскиот така и од албанскиот блок најавија дека на изборите ќе одат со свои кандидати.