Европски критики до Ципрас за поддршката на Мадуро

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ципрас критикуван од европските конзервативци за Венецуела

Шефот на конзервативната Европска народна партија во Европскиот парламент и кандидат за претседател на Европската комисија, германецот Манфред Вебер, го обвини грчкиот премиер Алексис Ципрас за поддршка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Тој ја обвини и грчката влада дека имала повеќе контакти со Москва.

Вебер, за време на заедничката прес-конференција со лидерот на грчката конзервативна партија Нова демократија Киријакос Мицотакис изјави дека грчкиот премиер ја блокира заедничката европска надворешна политика.

„Грчката влада, владата на Сириза и премиерот Ципрас мора да одговорат на многу прашања зошто тој ги блокира иницијативите на европско ниво за поддршка на силите во Венецуела кои се борат за демократска Венецуела? На тоа прашање мора да го одговори“.

Вебер ја критикуваше владата во Атина и за честите контакти со Москва.

Затоа, според него, Европската унија мора да го смени механизмот за донесување одлуки во надворешните работи од едногласно гласање до процес на донесување одлуки со мнозинство.

„Тоа води до ситуација во која повеќе нема да бидеме во рацете на владите како во Грција кои очигледно повеќе контактираат со Владимир Путин и Мадуро, а не толку со слободниот свет на демократските земји“.

Лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис, пак во врска со политиката на Грција спрема Венецуела запраша:

„Како е можно денес демократска Грција да не се усогласи со остатокот од Европа, која бара итни и слободни избори во Венецуела?“

Шефицата на европската надворешна политика Федерика Могерини, во четвртокот повика на мирно решавање на кризата во Венецуела за да се избегне „хаотично и опасно“ сценарио на напнатиот политички спор меѓу оспорениот претседател Николас Мадуро и неговиот ривал Хуан Гваидо.

„Прво воспоставување неопходни гаранции за веродостоен изборен процес во најскора временска рамка и второ овозможување итна испорака на помош во согласност со меѓународните хуманитарни принципи“.

Министрите од повеќе од десетина европски и латиноамерикански држави се состанаа во Монтевидео за да преговараат за решение за кризата во Венецуела каде што режимот на Мадуро не дозволува да влезе хуманитарна помош во оваа осиромашена земја.