Судбината на истрагите на СЈО е неизвесна по правното мислење на Врховниот суд, но за упатените најважно е истрагите да добијат разрешница без разлика кој ќе постапува по нив. Стручниот колегиум на јавните обвинители денеска ќе расправа за прашањето откако Врховниот суд на 30 јануари донесе одлука дека СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца - Николовска смета дека Врховниот суд нема надлежност да го толкува Законот за СЈО.
„Можеби некој сака на ваков начин да ја стопира работата на СЈО, што не значи стопирање на кривичното гонење на одредени лица за кои евентуално во судска постапка ќе се утврди дали биле виновни или не. Тоа што СЈО е формирано покрај редовното обвинителство беше заради тоа што редовното обвинителство на чело со тогашниот обвинител Марко Зврлевски не ја вршеше работата така како што треба“, вели Цаца - Николовска.
Министерката за правда Рената Дескоска порача дека одговорност за сторените кривични дела мора да има.
„Пораката моја е дека ни еден криминал не смее да остане неказнет. Не смее да се бараат процедурални причини за вакво или такво постапување со цел да се избегне одговорност. Одговорност за сторените кривични дела мора да постои и очекувам јавното обвинителство да продолжи со гонење без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став кој ќе го продолжи гонењето“, рече Дескоска.
Видете и ова: Што направија „Чарлиевите ангели“ од СЈО досега?Шефицата на СЈО, Катица Јанева со јавниот обвинител Љубомир Јовески, како што соопштија, постигнале согласност постапувањето по предметите да продолжи согласно позитивните законски прописи.
Според Цаца - Николовска, иако климата во Јавното обвинителство сега е поинаква, СЈО треба да продолжи со својата работа по покренатите обвиненија и не може институција која е формирана согласно законот да не ги оствари своите цели.
„Најважно од сите овие работи е да не се создаде поинаква клима и слика и тој што треба да одговара да одговара во законската процедура“, додава таа.
Обвинителката Вилма Русковска порача дека не е важно кој и кое обвинителство постапува по предметите. Според законот, како што наведе таа, СЈО треба да им ги предаде истрагите, бидејќи јавното обвинителство не може да ги бара и превзема предметите.
Обвинителот Бодан Лазаревски во интервју за МИА, изјави дека имаат капацитет да постапуваат по сите предмети, иако не располагаат со ресурсите што ги има СЈО во делот на материјално финансиската состојба и кадровска пополнетост.