„Потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во голема мера е симболичен чин, но важен за Алијансата со оглед на зголемувањето наќор-сокакот со Москва“. Ова го оцени претседателот на Комитетот за надворешни работи на Горниот дом на рускиот парламент Константин Косачев. „Потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО е повеќе симболичен чин отколку практичен чекор, бидејќи малата земја не и е важна на Алијансата. Но, фактот на нејзиното пристапување е важен за НАТО, со оглед на ќор-сокакот со Русија, што укажува на деструктивната улога на Алијансата како реликвија од Студената војна“, вели Косачев за руската новинска агенција ТАСС, наведувајќи дека тоа уште еднаш докажува оти поплаките на Русија против НАТО биле оправдани. Косачев смета дека критиките на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО одиграле улога во овој потег. „Несомнено ги вознемири претставниците на НАТО во Брисел, така што тие се борат да му покажат на Вашингтон дека Алијансата добро функционира и се шири“, смета рускиот сенатор, додавајќи дека влезот во НАТО не е добар ни за Македонија, ни за европската безбедност.