Додека најголем број од луѓето зимата преферираат да ја поминат дома на топло, 31 годишниот Сенад Идризи од Тетово на велосипед речиси секојдневно се обидува да извози 100-тина километри и покрај ниските температури и снегот на патиштата. Овој ентузијаст препорачува дека ладното не претставува пречка за спортување. Дури смета дека секојдневната физичка активност е квалитетна основа за подобро здравје.
„Не е проблем студот, колку што е проблем снегот, оти кај нас патиштата не се чисти, тоа е најголем проблем. Инаку за температурите има соодветна облека. Кога имаш цел не е проблем ни време ни ладно, нема такви граници што можат да те спречат. Мислам дека ладното не е проблем, напротив тоа многу влијае на имунитетот“, вели Сенад.
Само во јануари во два наврати ја поминал планинската делница од 18-тина километри до скијачкиот центар Попова Шапка.
„Шапка е потешка категорија на возење велосипед бидејќи е 18 километри. Има околу 1250/1260 метри искачување. Бидејќи се наоѓа на 1800 метри, Тетово е на 400/470 метри. На ова време се вози за саат и 40-50 минути на пример“, рече тој.
Дневната велосипедска рутина ја поминува низ полошката котлина.
„По селава, Тетово, стар пат Желино, Раотинце, Туденце, нашиов полошки регион. Круг околу Полог Тетово- Боговиње-Гостивар заокружувам на кај Чегране, Милетино, пак Туденце, Јегуновце некогаш до Јажинце, зависи од денот, како е, викендот дали е сонце. Околу 120/30 километри се бере тој круг. Често гледам од 12 до 2 тогаш е најтопло. За викенд релативно подолго возам по 3-4 саати, пет саати“, вели Идризи.
Со велосипед патувал и до други градови и држави, а најдалеку стигнал дури до Саудиска Арабија.
„Сум возел подолги тури Тетово-Сараево, Тетово-Албанија до Драч. Лани возевме со еден другар Тетово-Мека околу 3600 километри 33 дена до граница Саудиска Арабија“, истакнува велосипедистот.
Во текот на годината предизвик за Сенад ќе бидат и неколку трки за кои се пријавил во Швајцарија, Хрватска и Србија.