СДСМ: За Мицкоски членството во НАТО е историска грешка

Архивска фотографија- седиштето на СДСМ.

Од владејачката партија денеска преку соопштение реагираат на изнесените ставови на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од СДСМ наведуваат дека Мицкоски потврдил дека “го чека својот шеф од Будимпешта за нов заговор против Македонија, а оти заборавил дека Груевски оди во затвор, а тој оди на изборен пораз”.

“За Мицкоски членството на Република Македонија во НАТО било историска грешка. Пионот Мицкоски потврди дека е на спротивна страна од народот, на граѓаните, на прогресивните сили, на спротивната страна на целиот демократски свет”, наведуваат од СДСМ.

Од таму додаваат дека Мицкоски ја губел и поддршката од својата партија.

“Се рони пратеничката група на Мицкоски, само 33 пратеници се потпишале зад барањето за распуштање на Парламентот”, наведуваат од СДСМ.

Мицкоски во денешното неделно интервју на Радио Слободна Европа рече дека е подготвен да биде премиер и дека за него секогаш ќе остане Република Македонија не сметајќи ја оваа, како што ја нарече, “историска грешка којашто ја направи владата на СДСМ и Зоран Заев заради лични и кариеристички цели”.