Груевски- Македонија ја напуштив едноставно

Архивска фотографија- меѓународна потерница за Никола Груевски

Поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој се наоѓа во азил во Унгарија, во денешното прво интервју по неговото заминување на прашањето како избегал од Македонија одговора “едноставно заминав во Албанија, се пријавив во унгарската амбасада во Тирана каде што побарав политички азил и заминав на начин на кој беше одлучено по нивни внатрешни консултации”.

Тој вели дека ја користел неговата лична карта, но не кажа дали ја употребил и за излегување од Македонија, нагласувајќи дека ќе ја оставел власта да поработи и да го открие тоа. Во понатамошниот дел од патот до Унгарија рече дека ја користел неговата лична карта.

“Не ми помогна власта, да може нешто лошо да ми направи би ми направила, но да ми помогне не”, одговори Груевски на прашањето на новинарката на телевизијата Сител дали власта му помогнала да избега.

Поранешниот премиер кој се уште е и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, излезе од Македонијаво ноември, а самиот на 13 ноември, откако полицијата го бараше на повеќе локации во Скопје, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека е во Будимпешта. Од тогаш трае и истрагата на Јавното обвинителство на Република Македонија и проверките на Министерството за внатрешни работи за тоа како Груевски успеал да излезе од земјава, но засега никој не е повикан на одговорност. Тој требаше да се пријави на одлежување на две години затворска казна за набавката на луксузниот автомобил „Мерцедес“ во предметот на Тенк.