Министерството за труд и социјална политика ги демантира обвинувањата на граѓанската иницијатива „5 до 12“ . Од таму твдрат дека нема информации за злоупотреба на деца во мали групни домови и згрижувачки семејства и дека досега нема добиено писмена забелешка од ова здружение поврзано со наводна злоупотреба и негрижа за децата.
“Центрите за социјална работа имаат евиденција за сите деца без родители и родителска грижа кои се сместени во згрижувачките семејства и малите групни домови. Исто така, има прецизни статистики колку деца има и точно се знае каде е згрижено секое дете. Центрите имаат и евиденција колку слободни згрижувачи има на располагање во тековниот месец”, наведува МТСП во реакцијата по денешната прес-конференција на здружението „5 до 12“.
Од министерството посочуваат дека згрижувачите се во постојан 24-часовен контакт со социјалните работници, а семејствата се посетуваат и по неколку пати месечно. Исто така, надзор во малите групни домови и кај згрижувачките семејства врши Заводот за социјални дејности и Секторот за инспекциски надзор во Министерството.
“Апсолутна лага е и тврдењето дека не постојат стандарди и систем за избор на згрижувачки семејства, како и обуки за згрижувачите”, пишува во реакцијата на Министерството за труд и социјална политика.
Иницијативата “5 до 12” денеска побара независна експертска комисија да направи реевалуација на психофизичката состојба на децата без родители коишто се згрижени во семејства или во групни домови. Од таму тврдат дека има деца кои се сместени во семејства и трпеле како што рекоа “психичка злоупотреба, физичка тортура и се експлоатирани за работа”.