Ајде малку за повозрасните

Емилија Робановска, програмски координатор во Здружение Хуманост.

Искуствата од терен покажуваат дека најголемиот број од лицата во трето доба страдаат од осаменост и депресија и најпотребна им е психо-социјална помош и поддршка, пишува Емилија Робановска, програмски координатор во Здружение Хуманост.

Во нашиот општествен живот чинам најчесто спомнувана категорија се младите. Имам чувство дека секоја тема е на некој начин поврзана со нив. И секако дека тие треба да бидат актуелни, но сепак тие имаат опции. Опциите произлегуваат од нивната младост, од годините кои им престојат, од можностите кои ќе им се отворат понатаму, од нивната лична способност критички да размислуваат и да се спротивставуваат на погрешните одлуки на државата, да бидат иноватори и да пласираат идеи...Едноставно тие го имаат луксузот наречен време кој им дава можност да се бидуваат, да губат, повторно да се обидуваат и да успеат. Но што е со онаа малку подзаборавена категорија- лицата во трето доба? Ги спомнува ли некој нив? Знае ли како живеат? Дали искрено се интересираме за нив или тек-тук ќе се нафрли по некоја тема колку да се разбие монотонија во медиумскиот етер? Ги споменуваме ли само во неделата на старите лица?

Процесот на демографско стареење е светски тренд кој бележи нагорна линија. Бројот на стари лица во вкупниот број на население се зголемува сегде во светот. Проценките се дека до 2030 дури 25 отсто од вкупното население ќе бидат стари лица. Нас како земја не нè одминува овој процес дотолку повеќе што паралелно се бориме со иселувањата на младите и намалениот наталитет, така што процентот на возрасните во Македонија расте секојдневно. Потребни ни се сериозни политики и проекти кои ќе осигураат квалитетно и достоинствено стареење. Државните капацитети за институционално сместување се недоволни, регионално нерамномерно распоредени и потребна е нивна модернизација и од технички и од структурен аспект. Приватните капацитети ги има, но и тие се главно концентрирани во Скопскиот регион и по цена на чинење на услугите прилично далеку од џебот на просечниот македонски пензионер.

Изминува втората година како сум координатор на проектот Центар се грижи за возрасните кој го работи Здружението Хуманост во соработка со Општина Центар. Единствен реален проект за нега на стари лица во домашни услови поддржан од локална самоуправа во Македонија. Секојдневно се грижиме за околу 90 корисници со помош на нашиот тим од негуватели, физиотерапевти и социјален работник. Во овие две години сме посетиле околу 300 домови на територија на општина Центар. Накратко, работиме со онаа категорија на луѓе која за жал нема опција, а креира опции за своите најблиски преку својата пензија!

Искуствата од терен покажуваат дека најголемиот број од лицата во трето доба страдаат од осаменост и депресија и најпотребна им е психо-социјална помош и поддршка. Во „превод”, нив не им е од најголема важност набавката на храна и лекови колку што им е важно некој да ги праша како сте и да им посака убав ден. Овие лица се чувствуваат напуштено, голем дел од нив вистински немаат никој, затоа што нивните ќерки и синови се иселени во странство, а дел живеат одделно од своите најблиски, најчесто сами. Неколку прашања неминовно се наметнуваат: Можна ли е континуирана системска грижа за нив? Дали сервисните услуги треба да бидат луксуз? Дали постојат дневни центри за здраво и активно стареење?

Сервисните услуги низ целата територија на Македонија речиси и да ги нема. Зборувам за базични здравствено-социјални услуги како помош и поддршка во домот на возрасните за да се пролонгира нивниот престој во домашната средина. Докажано е дека лицата кои користат услуги во домашни услови го одржуваат своето чувство за автономија со тоа што продолжуваат да живеат самостојно. Сервисните услуги им овозможуваат да ја добијат грижата што им е потребна во домот и притоа да бидат во кругот на најблиските. Огромен е стресот на семејството и на корисникот кога тој треба да биде дистанциран од сопствениот дом и сместен во друг објект. Некои семејства не можат да бидат заедно поради далечината. Во вакви случаи, негата во домашни услови може да помогне да им се олеснат грижите на членовите на семејството кои не се присутни, а нивниот близок има потреба од нега. Ваквите сервиси нудат мир на членовите на семејството кои не можат да бидат блиску до саканите за време кога тие имаат потреба. Потребата од вакви услуги е огромна, во нашето Здружение секојдневно добиваме повици од лица кои бараат негуватели. Луѓето се очајни едноставно не знаат каде да се обратат.
Локалните самоуправи мора да го подигнат нивото на свесност за состојбата на своите повозрасни жители и да буџетираат средства за нивна грижа. Замислете секоја општина според сопствените капацитети да поддржува сервис за нега како што е примерот со општина Центар? Тоа би било огромна помош и олеснување за граѓаните на сечие задоволство.

Дневни центри за стари лица во Македонија има, но не во своето вистинско значење. Дневен центар не претставува објект во кој се собираат доминантно повозрасните мажи и играат шах и карти, туку место со соодветна програма и дневен распоред на активности кои значително ќе допринесат во процесот на здраво и активно стареење. Тоа се центри во кои возрасните активно ќе партиципираат во подготовка и имплементација на програмата чунки за нив се работи, центри во кои ќе ги покажат сопствените капацитети и вештини и ќе го негуваат социјалниот и културен живот. Центри од каде ќе потекнуваат иницијативи, хуманитарни настани и меѓугенерациска солидарност. Мораме да се бориме заеднички против стереотипите за „неупотребливоста” на луѓето од трето доба затоа што тие и тоа како можат значително да придонесат во нашето општество. Ние младите можеме само да учиме од нивното богато животно искуство.

За крај, социјалната реформа која ја превидува новиот предлог-Закон за социјална заштита предвидува решенија за оваа категорија на граѓани, останува да видиме што ќе се случи во иднина, a во меѓувреме да се радуваме на животот, во ова динамично време на живеење да успееме да поминуваме повеќе време со нашите најблиски вклучувајќи ги повозрасните и да бидеме свесни дека сите старееме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.