Осум кандидати се пријавиле на конкурсот на ВМРО-ДПМНЕ за нивни кандидат за претседател на државата, соопштија денеска од опозициската партија. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски не ги кажа имињата на кандидатите и најави дека ќе ги соопштат деновиве.
“Сите кандидатури дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за Претседател на Република Македонија, по која што проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за кандидат за Претседател на Републиката”, рече Мисајловски.
Тој ова го соопшти по завршувањето на партискиот рок за пријавување на кандидати. Кој од осумте пријавени ќе биде избран ќе се знае на конвенцијата на партијата закажана за на 16 февруари во Струга.
Досега пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев и поранешниот партиски член Филип Петровски јавно соопштија дека поднеле кандидатури.
Професорката Гордана Сиљановска- Давкова ја кандидираа повеќе професори, а неколку медиуми повикувајќи се на извори во опозициската партија јавуваат дека и таа се кандидирала на партискиот конкурс.
Претходно од партијата соопштија дека имало и еден пријавен, но неговото име не го кажаа наведувајќи дека бил партиски член, но не непознат за јавноста. Засега не се знае кои се останатите четворица што се пријавиле.