Русија утврдила „одредени прекршувања“ кај Би би си

Илустрација

Руското медиумско регулаторно тело соопшти дека утврдило „одредени прекршувања“ од страна на светскиот сервис на Би би си кој функционира во Русија. Роскомнадзор сега размислува како да продолжи со случајот, без да соопшти детали за какви прекршувања се работи.

Роскомнадзор претходно овој месец соопшти дека го истражува британскиот медиум под сомнение за промовирање исламистички екстремизам и дека ќе бидат прегледани емитувањата на Би би си во Русија од 14 до 31 јануари.

Во декември Роскомнадзор соопшти дека почнал да ја проверува законитоста на работењето на Би би си во Русија.

Би би си тврди дека во Русија работи во согласност со руските закони.

Роскомнадзор соопшти дека го испитува работењето на Би би си во декември само еден ден откако британскиот медиумски регулатор Офком соопшти дека разгледува санкционирање на државната руска телевизија РТ, поради прекршување на правилата за непристрасност.