Вработениот стоматолог кај кој е пронајдена смртоносната бактерија МРСА е изолиран и се преземени сите мерки за заштита со што е исклучена секаква можност за ширење на зараза со оваа бактерија изјави денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Ирина Бухова.
Таа посочи дека не постои никаква опасност за ниту еден пациент кој бил во претходниот период или ќе биде пациент во Универзитски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“во Скопје, затоа што во заботехничките работилници каде работел вработениот, кај кого во отпечаток од раце во Институтот за микробиологија е најдена бактеријата МРСА, се работи исклучиво со заштитни ракавици и има доволно средства со кои се дезинфицираат забните одливци при прием.
Бухова истакна дека се преземени неопходни мерки, извршена е вонредна дезинфекција на просториите во Стоматолошки клинички центар и дека нивни инспектори веднаш излегле на терен и извршиле вонреден инспекциски надзор.
„Пациентот односно вработениот кај кој има изолирано бактерија нема да се врати на работно место, додека не се добие негативен резултат, односно не се докаже дека бактеријата веќе не е присутна“, потенцира Бухова.