Снимките од Албанија за бегството на Груевски се избришале

Меѓународна потерница за Никола Груевски

Снимките кои Албанија требаше да ги достави до Македонија за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски не се доставени до македонското обвинителство, затоа што биле избришани соопшти денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Тој на денешната конференција одговарајќи на новинарски прашања изјави дека снимките не се обезбедени затоа што, според образложението што го добиле од Албанија, системот не можел да чува голем опсег на податоци и автоматски ги бришел снимките по извесно време. Со ова останува неодговорено прашањето за точната рута по која Груевски побегна од Македонија на 9 ноември минатата година.

Последните информации од обвинителството за предистражната постапка што се води во Обвинителството беа дека по неколку ургенции Албанија ги информирала дека ги обезбедила доказите, но дека треба да се преземат. Денеска Јовевски изјави дека сепак Албанија не ги обезбедила потребните снимки кои ги бараше обвинителството.

Неодамна обвинителката Вилма Рускоска изјави дека во Обвинителството ги разгледуваат снимките што ги добиле од Црна Гора, и дека се уште прибираат и други докази.