Пратениците дебатираат за интерпелацијата на министерот Димитров

.

Стартуваше седницата за интерпелација на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој е и подносител на интерпелацијата од собраниската говорница побара од пратениците да ја изгласат интерпелацијата за Димитров затоа што, како што вели министерот го навредил македонскиот народ од собраниската говорница со тоа што го нарекол „искомплексирана нација“.

Тој во својот говор истакна дека Димитров го нарушил угледот и достоинството на македонскиот народ понижувајќи се пред соседите и дека откако стапил на функција работи спротивно на интересите на државата. Како пример за штетен договор го посочи договорот за добрососедство со Бугарија кој според него има многу пропусти и отстапки кои се на штета на Македонија.Дополнително го обвини и за Договорот од Преспа со кој, како што вели, неправедно е сменет уставот на државата.

Димитров пак во својот говор истакна дека ваквите тези на опозицијата наликуваат на една држава која јавно се противи на членството на Македонија во НАТО. Тој од говорница ги цитираше честитките од ЕУ, ОН и НАТО кои пристигнаа на адреса на Владата за ратификуваниот договор од Преспа.

„Кога ја видов интерпелацијата и образложението, имам едно чувство на грижа за тоа како се нема елементарна одговорност. Да не правиме дополнителна конфузија“, рече тој од говорницата.