ТИ: Македонија и Косово најкорумпирани земји на Балканот

Индекс за перцепција на корупцијата во 2018 година

Во најновиот Индекс за перцепција на корупцијата во 2018 година, што Транспаренси Интернешнал го објави денеска, Македонија и Косово го делат 93 место во однос на корупцијата. Тие се најслабо рангирани на Балканот. Пред нив се: Хрватска на 60 место, Романија на 61, Црна Гора на 67, Бугарија на 77, Србија на 87 и Босна и Херцеговина на 89 место. Во врска со Македонија во извештајот се наведува дека по падот на владата во 2017 година, очекувањата за антикорупција се високи во земја заинтересирана за отворање на претпристапните преговори со ЕУ. Македонија неодамна го ревидираше националното законодавство за да ја прошири моќта на Специјалното обвинителство за истражување на случаите на корупција, вклучително и меѓу владините претставници и претседателот. Во Индексот исто така се оценува дека континуираниот неуспех на повеќето земји значително да ја контролираат корупцијата придонесува за криза на демократијата во целиот свет. Анализата ја открива врскатa помеѓу корупцијата и состојбата на демократијата во една земја. Примери за овој тренд, се Унгарија и Турција чиј индекс е намален за осум до девет поени во текот на последните пет години.