Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретнал со директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон. Тие разговарале за европските перспективи на Македонија и очекувањата за напредок во претстојниот период.
Димитров, како што информираат од МНР, на средбата упатил благодарност до директорот Даниелсон и Европската комисија за нивните заложби и континуирана поддршка за евроинтеграцискиот процес на Македонија и го информирал за тековните активности поврзани со стапувањето на сила на Преспанскиот договор и заложбите за остварување понатамошен напредок во реформските процеси.
Димитров изразил очекување дека реформските резултати и крупните чекори во унапредувањето на добрососедските односи ќе обезбедат доволно аргументи за земјите членки да донесат одлука за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година.
Директорот Даниелсон, се наведува во соопштението од МНР, упатил честитки за чекорите поврзани со стапувањето во сила на Преспанскиот Договор и укажал на неговата важност за регионот и пошироко, како пример за добра дипломатија и надминување на високо сензитивни прашања.
Даниелсон го поздравил и текот на досега постигнатото на планот на домашните реформи, со очекување за уште позасилена работа и резултати во клучните области во периодот до Европскиот совет во јуни.