Единаесет печатени медиуми добија парична поддршка од Владата. Владата одобрила 11 од вкупно поднесените 13 барања за поддршка на печатени медиуми. На овие 11 новинско-издавачки компании им се распределени 42,5 милиони денари. Во Буџетот за 2018 за оваа намена беа предвидени 50 милиони денари.
Средствата се доделени за веќе остварени трошоци, и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и 50 отсто за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70 отсто за направените трошоци за печатење и 70 проценти за трошоците за дистрибуција.
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на прес-конференцијата истакна дека Владата останува посветена на силната поддршка за плурализмот и за обезбедување на средина за одржлив развој на медиумите.