Пратеници предлагаат законски измени за да му се укине платата на Груевски

Група пратеници до Собранието доставиле предлог измени на законот за пратеници со кои е предвидено да му се укине пратеничката плата на поранешниот премиер во бегство Никола Груевски. Според предлог измените, ако пратеник е осуден со правосилна судска пресуда на казна затвор подолга од 6 месеци, пратеникот го губи правото на исплата на плата и на други лични примања и надоместоци за трошоци. Ваквите предлог измени се ставени по скратена постапка на дневниот ред на денешната седница во Собранието.

Доколку оваа измена ја помине набрзо собраниската процедура, Груевски кој е повеќе од два месеца во Будимпешта каде доби политички азил, ќе го изгуби правото на плата, која досега ја добива со намалување од пет проценти. Груевски е осуден на две години затвор за набавката на луксузниот автомобил „Мерцедес“ во предметот на Тенк.