Воена парада во чест на жртвите од опсадата на Ленинград

Во Санкт Петербург денеска се одржа воена парада по повод 75-годишнината од падот на нацистичката опсада во Втората светска војна, во овој град кој тогаш се викал Ленинград. Рускиот претседател Владимир Путин, положи цвеќе на споменикот на војниците кои загинале за време на опсадата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека 75-годишнината е многу важен датум за целата земја, за сите Руси и претседателот Путин лично, кој е роден и израснат во тој град.

Повеќе од 2.500 војници, припадници на безбедносните сили и 80 парчиња специјална воена опрема продефилираа на денешната свеченост во Санкт Петербург, која започна со едноминутно молчење за загинатите војници и граѓани во текот на тригодишната фашистичка опсада.

Опсадата на Ленинград започнала на 8 септември 1941 година и траела 872 дена, до 27 јануари 1944 година, кога била разбиена со подемот на советската операција „Искра“. Ленинград е единствениот голем град во историјата кој успеал да одолее на опсада од скоро 900 дена.