Со мирен протестен марш кој почна од Собранието, а заврши пред Владата, граѓаните денеска протестираа против енормното загадување на воздухот во земјата. Oд граѓанската иницијатива ,,Канцерогена општество”, кои се организатори на протестот, порачаа дека власта мора да преземе не само краткорочни, туку и долгорочни мерки против загадувањето.
Учесниците на протестот носеа транспаренти на кои пишува ,,Ставете налепници на тешката индустрија”, ,,Наместо велосипед купивме инхалатор”, "Четворица дневно умираат чекајќи чист воздух" и други.
Загрижените граѓани алармираа за високата концентрацијата на ПМ 10 честички измерена во последниот период и предупредија дека ако не се преземе ништо таа бројка ќе расте. Тие побараа да се лоцираат најголемите загадувачи во главниот град и место непродуктивни мерки како поскапување на паркингот и други кои удираат по џебот на граѓаните, да се преземат посериозни чекори. Учесниците на протестот истакнаа дека 1,5 милиони евра за борба со загадувањето не се доволни и порачаа дека повеќе се исплаќаат пари за патни трошоци за пратениците, отколку за справување со овој сериозен проблем.
Меѓу барањата на граѓаните се и свикување итна владина седница, вклучување експерти и граѓански сектор во контролите кон големите загадувачи. Очекуваат од граѓаните да ги поддржат и заедно да ги надополнат барањата за изнаоѓање најдобро решение.