Пред Собранието денеска во 13 часот ќе се одржи мирен протест кој потоа ќе продолжи до Владата. Протестот е во организација на група граѓани кои, како што велат, се загрижени за состојбата на воздухот и на тој начин сакаат да го искажат својот револт.
„Апелираме да дојдат сите искрено загрижени граѓани кои ќе дадат се од себе во рамки на законите да изнајдеме решение. Досега имавме можност да видиме колку сегашните институции се подготвени во решавање на оваа алармантна состојба и поради тоа ни е потребна масовност од сите граѓани. Да успееме да се избориме сами за подобра и почиста животна средина“,изјави Кристијан Узунов од граѓанската иницијатива.
Меѓу барањата на граѓаните се свикување итна владина седница, вклучување експерти и граѓански сектор во контролите кон големите загадувачи. Очекуваат од граѓаните да ги поддржат и заедно да ги надополнат барањата за изнаоѓање најдобро решение.