Грчкиот парламент денеска го ратификува Преспанскиот договор со Македонија. Со 153 гласови „за“, 300-члениот парламент во Атина тукушто го прифати договорот според кој Македонија го менува името во Северна Македонија, а Грција нема да ја блокира при влезот во НАТО и почнувањето преговори за членство со ЕУ.
По 38,5 часа расправа, гласањето се одвиваше со прозивање на сите 300 пратеници поединечно.
За ратификацијата на Договорот требаше да се гласа синоќа, но поради големиот број пријавени дискутанти, гласањето беше одложено за денеска.
Тридневната дебата, со говор, ја затвори алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Паралелно со жестоката дебата, особено на пратениците од опозициската Нова демократија, во центарот на Атина се одржаа, како што коментираа грчките медиуми, не така жестоки протести против Договорот од Преспа, иако имаше и неколку судири на демонстрантите со полицијата која неколку дена претходно издаде наредба за засилено обезбедување.
По ратификацијата, следна постапка е грчката Влада да го информира Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа Алијансата треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште во почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш потоа, според најавите, Грција ќе ја ратификува поканата за членство на земјава во НАТО, чекор по кој новите уставни амандмани влегуваат во сила, а Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.
Македонија веќе го ратификуваше договорот.