Грчкиот парламент ќе гласа за Преспанскиот договор

парламентот во Атина расправа за Договорот од Преспа

Во 9 часот по локално време започнува третото и последно продолжение на пленарната седница за ратификација на нацрт законот на Министерството за надворешни работи на Грција за Договорот од Преспа. Предвидено е, доколку не се пролонгира за подоцна поради големиот број пријавени пратеници за збор, гласањето да се одржи во 14.30 часот, јави дописничката на МИА од Атина.

Додека вчера во грчкиот Парламент траеше расправата и пред пратениците говореа лидерите на политичките партии, пред Парламентот се одржа протест против Договорот од Преспа, далеку помалку масовен од оној во неделата.

Пред, за време и по протестот, грчката полиција приведе 135 лица од кои 10 беа уапсени. Демонстрациите повторно завршија со инциденти, а повреден беше еден полицаец.

Од 135-те приведени, 85 лица биле приведени уште пред да започне протестот, а полициски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА рекле дека сите уапсени припаѓаат на радикалната десница.