Во Скопје денеска се одржа дебата за перспективите на истражувачкото новинарство во организација на Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентар. На дебатата, на која учествуваа новинари, медиуми и претставници на нивните здруженија и невладини организации опфати две панел дискусии, а беа презентирани резултати од мониторингот на медиумите за квантитетот и квалитетот на истражувачкото и аналитичкото новинарство во рамки на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, финансиран од Европската Унија, за периодот од 2016-2018 година.
На презентацијата беше истакнато дека за последните три години најголем процент на истражувачки стории бил забележан во последните три години. Во овие новинарски стории доминирале темите од политиката и економијата, а најзастапени биле анализите за државните институции.
Mинистерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кој учествуваше во делот од дебатата кој беше фокусиран на прашањето „Дали зголемениот број на истражувачки стории во медиумите е долгорочен тренд или само краткотрајна промена“, рече дека „за разлика од претходната пракса, актуелната Влада обезбедила услови за гласност за секое прашање од важност за граѓаните, што е еден од предусловите за истражувачките стории, кои бележат долгорочен тренд на пораст“.
„Верувајте мене лично не ме задоволува овој процент. Да, можеби и во светски рамки, 5,6 пати поголема застапеност е задоволителна, но мислам дека на Македонија ѝ треба многу повеќе. За таа работа своја улога и одговорност има Владата и институциите, но и новинарската професија, медиумските работници и медиумската индустрија“, рече министерот Поповски.