Ибраими - Вакцините со погрешни декларации ќе бидат уништени

Ќахил Ибраими, директор на Агенцијата за лекови и медицински средства

Сите МРП вакцини на кои стојат погрешно залепени декларации ќе бидат уништени од страна на компанијата „Македонија лек“, која ги дистрибуира. Ова денеска за МИА го изјави директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства, Ќахил Ибраими.

Oд Министерството за здравство пред две недели по извршена внатрешна контрола во сите здравствени домови, соопштија дека било утврдено дека во вакциналните пунктови се пронајдени 635 кутии од МРП вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации.

На прашањето зошто е донесена одлука за уништување на вакцините со погрешно залепени декларации доколку рокот не им бил истечен, Ибраими посочи дека лекот можат да го прогласат за неисправен доколку е оштетена кутијата, поради грешка, испорака и погрешна
налепница.

„Ако ја тргнеме таа налепница и залепиме нова налепница ќе почне да се зборува меѓу народот – еве ги пуштиле тие со поминат рок. Никој не сфаќа дека апсолутно не се работи за вакцина со поминат
рок, туку за вакцина со погрешно залепена декларација. Сто пати сме го рекле тоа. За недела дена треба да бидеме известени дека тие вакцини се изгорени во Дрисла“, нагласи Ибраими.

Тој рече дека Македонија лек ќе биде казнета со меѓу 25 и 50 илјади евра.