Засилени безбедносни мерки во Атина

Насилства на протестите против Договорот од Преспа во Атина на 20 јануари 2019

Закажаните демонстрации за попладневните часови, во комбинација со сериозните инциденти на протестот во неделата, носат засилени безбедносни мерки во грчката престолнина, особено во делот околу плоштадот Синтагма и грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Безбедносните мерки се и поради тоа што за разлика од неделата кога парламентот беше празен, сега во него во тек е расправата.

Според грчките медиуми, кордони од полициски автобуси ќе бидат поставени на неколку места околу парламентот, со акцент врз делот каде се наоѓа влезот, а кај споменикот на Незнајниот јунак, онаму каде што во неделата демонстрантите се обидоа да упаднат во
дворот на парламентот, ќе биде зголемено присуството на специјални полициски единици.

Метро станицата на плоштадот Синтагма, ќе биде затворена од 16.30 часот по локално време.