Катругалос - Договорот од Преспа за 110 проценти ги задоволува грчките национални цели

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во неговото обраќање во грчкиот Парламент за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа рече дека постигнатиот договор за 110 проценти ги задоволува грчките национални цели од 2007 година.

Тој рече дека договорот бил постигнат благодарение на политичката храброст и раководството на Алексис Ципрас и на Зоран Заев, но и на преговарачката способност на Никос Коѕијас кој го постигна она што премиерот Самарас го сметаше за несфатливо.

Катругалос објасни дека Грција има улога на Балканот за гарантирање на стабилност и мирот во регионот, а во исто време затвора спор за кој земјата има и правна обврска да стигне до решение. Оваа правна обврска, додаде Катругалос, произлегува од резолуциите на ОН од 1993 и од Времената спогодба, а ја спомена и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг за прекршување на спогодбата.

„Ужасно лицемерно и апсурдно е да сметаме дека е опасност за нас земја што има 17 пати помала економија од нашата и во суштина, непостоечки воени мерки. Со Договорот од Преспа, нашата земја се враќа на Балканот како земја што дава тон за мир, не за војна и распаѓање. На овој начин ја зајакнуваме нашата дипломатска позиција и целиот овој дипломатски капитал што го трошевме до сега за прашањето за името, сега можеме да го искористиме онаму каде што навистина се нашите основни национални прашања- на исток“, рече Катругалос, пренесе МИА.

Во однос на критиките за македонската националност, тој рече дека државите признаваат држави, а не народи.

Во однос на македонскиот јазик, тој рече дека бил прифатен уште во 1977 година.