Заев: Анализираме десетина кандидати за претседател

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев: Претседателски кандидат не на СДСМ и ДУИ, туку на граѓаните

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека околу десетина имиња се во игра за кандидат за претседателските избори на владејачката партија. Но, тој не прецизираше за кого точно се работи и кога ќе биде претставен нивниот кандидат. Заев само најави дека ќе се избира најдоброто можно решение.

Десетина потенцијални кандидати анализира СДСМ за претстојните претседателски избори, изјави премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес- конференција во Владата со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и директорот на агенцијата за патишта.

По имињата кои се појавија во јавноста, како актуелните министри и функционери, Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски, Заев не посочи за кого станува збор, само дека се анализираат имиња меѓу кои има претставници од сите етнички заедници.

Видете и ова: Кој сè има амбиции за претседател на државата

„Мислам дека нема партија од поголемите којашто не прави анализи и рејтинзи во моментов. Зошто? Затоа што секој сака да победи, секој сака да застане зад вистински кандидат. Секој сака на граѓаните да им го понуди најдоброто што постои. Да и ние правиме истражувања во овој момент по разни основи за да можеме секако да донесеме најпаметни одлуки“, рече Заев.

Според него, владејачката партија ќе се обиде да го најдат најприфатливото решение кое би значело максимално консензуален кандидат за претседател. Иако, како што рече Заев, невозможно и опозицијата и власта да застанат зад истиот кандидат, но посочи дека ќе се обиде да разговара за прашањето со дел од опозициските партии.

„ Консензуалниот претседателки кандидат уште еднаш напоменувам не треба да се избира меѓу Зоран Заев и Али Ахмети или било кој. Треба да биде на граѓаните. Има такви луѓе во Македонија. Ако бидеме пред се одговорни за државата во внимателни постапки и процедури коишто политичките субјекти ги имаат заради давање на поддршка на кандидат за претседател. Анкетите и истражувањата, слушањето внимателно на граѓаните, ќе го најдеме. Верувам дека тоа е возможно и сите дури во Македонија да застанеме. Реалноста не е таква во државата, но е возможно. Посебно со очекувањето за претседател кој ќе биде претседател на сите граѓани и навистина ќе ги нема тие слабости кои што досегашниот претседател ги покажа во делот на мултикултурализмот, мултиетничкото општество и нашите одговорни политики во делот на интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Заев.

Тој најави дека СДСМ в петок ќе има средба на Централниот одбор на која ќе се разговара и за претседателските избори. Но, не прецизираше кога точно ќе биде познато името на нивниот кандидат. Заев само посочи дека зависи од процедурите, роковите и кога точно ќе се одржат изборите. Тој уште еднаш порача дека е надвор од конкуренција и дека не планира да се кандидира за претседателските избори.