Јавното обвинителство неделава ќе сослуша „доста сведоци“ во рамки на истрагата за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, а очекува да бидат преземени и доказите барани од Република Албанија, изјави јавната обвинителка Вилма Русковска, која ја води истрагата за бегството на Груевски во Унгарија.
Прашана што досега имаат и до каде е истрагата, Русковска рече дека кога ќе имаат нешто поконкретно ќе го соопштат.
Во однос на сведоците и дали меѓу нив можеби ќе има блиски роднини на Никола Груевски, обвинителката Русковска рече дека блиски роднини нема да има.
„Блиски роднини нема да има, тие што го обезбедуваа беа сослушани. Ова ќе бидат други сведоци“, изјави обвинителката Русковска.
Поранешниот премиер Никола Груевски минатата година избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.
Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија. Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.