Мартен Схенк, белгискиот „ловец на лажни вести“, открил мрежа на македонски граѓани кои шират лажни вести, а не се познатите велешани, јавува дописничката на МИА во Брисел.
Според белгиските медиуми, на чии насловни страници е оваа сторија, Мартен Схенк и вебсајтот „Nieuwscheckers.nl“ со месеци веќе трагаат по македонските мрежи на лажни вести кои се ппрославија“ за време на претседателската кампања во САД. Светските медиуми беа тогаш преплавени со стории за македонски тинејџери од Велес кои пишувале лажни вести фокусирани на напади врз кандидатката Хилари Клинтон и Демократската Партија. Но, никогаш не се откри кој, дали и на кој начин стои зад нив.
Но, според Схенк, велешката линија не е воопшто во центарот на оваа мрежа.
Според неговите истражувања, кои денеска се на првите страници на сите белгиски медиуми, централна фигура на овој бизнис е припадник на АРМ, Слаѓан „Цаго“ Бојковски од Куманово. Бојковски тврди дека не е повеќе вработен во Армијата, но Схенк не успеал тоа да го потврди и сѐ уште вели дека има сомнеж. Истражувањата на Белгиецот откриваат дека мрежата на Бојковски со години веќе креира лажни и бомбастични содржини на интернет кои започнале со стории за мотори и голи гради, но тоа не им носело доволно пари, објаснува Схенк. Па, така, набргу, Бојковски и неговите соработници се свртиле кон стории против муслиманите и разни теории на заговор, за педофилија и, во полза на Доналд Трамп. Со една лажна вест заработувале околу сто евра дневно.
Схенк разработил софтвер наречен „Trendolizer“, преку кој може да следи кои стории на интернет стануваат вирални. Ако утврди дека сторијата е лажна вест, тој преминува на проверка на факти на неговиот вебсајт „Leadstories“. Благодарение на софтверот Схенк потоа разгледува од кој сервер се објавени вестите и најчесто успева да открие чии се серверите. Така тој лани разоткрил мрежа на лажни вести од Гана.
Македонската мрежа била и семеен бизнис. Според белгиските медиуми, со Бојковски работела и неговата сопруга, Наташа, чија слика може да се најде на лажни профили на Твитер како оној на некоја „Moly Anderson“ како што покажуваат принт-скриновите на Схенк, објави МИА. Преку неговиот софтвер, Белгиецот успеал да најде десетици профили кои ги споделувале истите лажни вести на интернет во исто време. Имињата на лажните профили се најчесто американски имиња како Џесика, Ема, Моли, Џони и повеќето од нив се сега веќе суспендирани. Суспендирани се и вебсајтовите на кои се објавувале лажните вести, како тапаинфо.ком или твртинфо.ком. Фотографиите употребени на профилите биле најчесто од балкански ѕвезди како Станија Доброевиќ или Викторија Лоба.
Слаѓан Бојковски на Твитер го користел својот прекар „Цаго“, со локација во Чикаго, и објавувал „микс на лажни и автентични вести“ објаснува Схенк. Овој налог во меѓувреме е суспендиран од Твитер.
Со Бојковски соработувале и негови пријатели од Куманово кои имале вебсајт наречен unisharenews.com, чии линкови се објавувале на Фејсбук страници во поддршка на Доналд Трамп.