Ципрас: Сите Грци треба да ја дознаат вистината за Договорот од Преспа

Премиерот на Грција Алексис Ципрас

Нема да одбереме брзи процедури за Договорот од Преспа; имаме намера да биде информиран и последниот грчки граѓанин за аспектите на договорот; сметаме дека е важно да се одржи ТВ дуел со лидерот на опозицијата; неделните изданија на весниците ќе го објават целиот текст од договорот, се дел од следните чекори на грчката Влада во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа, според соопштението од кабинетот на Алексис Ципрас, во кое разјаснуваат неколку работи поврзани со решението меѓу двете земји, јави МИА од Атина.

"Нема да одбереме брзи процедури за дискусија и ратификација. И во никој случај нема кришум да донесеме еден договор клучен за иднината на Грција и стабилноста во регионот. Напротив, нашата намера е да биде информиран и последниот грчки граѓанин за сите аспекти (на договорот), за да може трезвено да процени дали е за или против нашите национални интереси", соопштуваат од кабинетот на Ципрас и објаснуваат дека нивниот стремеж е грчкиот народ да ја дознае вистината.

Во оваа насока, според кабинетот на грчкиот премиер, Министерството за надворешни работи на Грција ќе се погрижи во недела, во неделните изданија на грчките весници кои што се доста читани и популарни меѓу граѓаните да биде објавен целиот текст од договорот, „за сите откако ќе научат, да бидат во позиција да оценуваат“.

А за да можат граѓаните да ги слушнат и да ги споредат аргументите, од кабинетот на грчкиот премиер уште еднаш го повторуваат предлогот на Ципрас од вчера, да се одржи ТВ дуел со лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис.