Собранието го изгласа Законот за спречување на корупцијата

Собраниска седница

Собранието со 81 гласа „за“ попладнево го донесе по скратена постапка Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, во рамки на денешната 80. седница.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека денеска пред пратениците е квалитетен европски закон во кој се инкорпорирани препораките на Европската комисија и експертската група на господинот Прибе.

" ДКСК ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право врз основа на општ член да пратат иницијатива до ДКСК и доколку е основана комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето", изјави Дескоска.

Нагласи дека не смее да ни се повтори праксата постапките да завршуваат во фиока на ДКСК и за таа цел се донесени рокови во кои таа мора да постапува.

" Новина е обврската ДКСК да прави проценка на ризик од корупција и на годишен план за проверка на анкетни листови на функционери и финансирање на политички партии, дури и кога нема сомневања. ДКСК ќе има директен увид во банкарските сметки на носители на јавни функции и ќе има директен пристап во најмалку 64 бази на податоци за вкрстена проверка на имотната состојба. Внесена е надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавни набавки", изјави Дескоска.

Пратеничката од СДСМ и коалицијата, Снежана Калеска – Ванчева истакна дека од 40 предложени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, заеднички усогласиле 20 амандмани кои се во насока на подобрување на текстот.

"Можам да изразам задоволство од усогласениот текст", изјави Калеска – Ванчева.

Пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата останала на ставот дека сака да има нов закон и нова антикорупциска комисија која ќе кореспондира со условите во кои функционира Македонија.

" Работејќи посветено на овој закон докажавме дека нашата борба не беше да го закочиме, туку напротив да донесеме закон што е употреблив во пракса. Прифаќањето на нашите амандмани, беа амандмани кои беа на барање и мислење од ГРЕКО и ЕК", изјави Саменковска.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието и сите пратеници не си ја завршиле добро својата работа, бидејќи Македонија десет месеци беше без антикорупциска комисија и тоа, како што рече, во период кога се случи референдум.

Со новото законско решение се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите, а има измени во однос на пријавување на имотната состојба и интересите и обврските кај административните, судските и јавните службеници. Се зголемуваат надлежнистите на Комисијата, при што таа сега води постапка за контрола на финансирањето на политичките партии и ја следи законитоста на финансирањето на изборни кампањи.

Владата на Република Македонија на завчерашната 115. редовна седница донесе одлука на Собранието да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце, по што владеачкото мнозинство и опозицијата вчера постигнаа согласност и СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.