Рускиот претседател Владимир Путин со задоцнување од час и половина пристигна во Белград, каде ќе ја оствари 14-та средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, втора во главниот град на Србија.
Во Белград мерките за безбедност се на високо ниво со околу 7.000 припадници на сите безбедносни служби, околу 250 руски специјалци и три српски мига, а распоредени се и повеќе снајперисти.
Покрај претседателот Путин, во посета на Белград се и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, првиот човек на агенцијата за вселенски истражувања „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин, како и други министри и руски функционери.
Покрај Вучиќ, како дел од српската делегација се премиерката Ана Брнабиќ, вицепремиерот и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и други министри.
Според најавите, попладнево во Палата Србија ќе се одвива официјалниот дел на посетата каде ќе бидат потпишани 21 договор во полето на железниците, инфраструктурата, земјоделието, иновациите, образованието, дигитализацијата и друго.
Централна тема на средбата ќе биде Косово и поддршката што Русија и ја дава на Србија, можноста за вклучување на Русија во косовскиот дијалог и воено-политичката неутралност на Србија во однос на НАТО.