Апелационоиот суд во Скопје го потврдил решението на Основниот суд во Велес, со кое се одобрува Планот за реорганизација на „Фени индустри“ од Кавадарци, соопшти компанијата „ГСОЛ/Еуроникел.“
Во соопштението на компанијата е наведено дека одобрувањето на планот за реорганизација на „Фени индустри“, создаден и поднесен од „ГСОЛ/Еуроникел“, е правосилно и претставува извршна исправа согласно одредбите на Законот за стечај.
„Ова значи дека „Фени“ конечно излегува од стечај и дека сега има нов сопственик, ГСОЛ/ Еуроникел, а после сите превирања оваа одлука најголемо значење има за вработените, фирмите кои соработуваат со Фени и целиот кавадаречки регион“, се вели во соопштението во кое се додава:
„И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на Комбинатот, последната и конечна одлука на Судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на Фени беше регуларно и транспарентно спроведена, за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за Фени и сите засегнати страни од неговото работење“, наведуваат од ГСОЛ/Еуроникел.