Прифатени амандмани на опозицијата за формирње на Антикорупциска комисија

Архива: Седница на Собрание на РМ.

Владејачкото мнозинство ги прифати амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за да се донесе поквалитетен закон за формирање на државната Комисија за спречување корупција и судир на интереси, соопштија денеска пратеници од опозицијата.

„Задоволни сме што владејачкото мнозинство конечно сфати дека на Република Македонија и е потребна квалитетна и пред се професионална Антикорупциска комисија што ќе работи сериозно и без било какви политички влијанија, со што сите манипулации и изјави на претставниците на владејачкото мнозинство што беа изнесувани деновиве, паднаа во вода“, изјави Ане Лешкова од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во Собранието.Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ немало намера да блокира вакви важни закони.

Од СДСМ исто така на прес-конференција во Собранието изјавија дека Македонија ќе добие силна и независна институција за борба против корупцијата по европски стандарди. Тие наведоа дека од 40 амандмани кои беа доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, нашле согласност за 20 амандмани кои, како што истакнаа, се во функција на зајакнување на текстот на одредени одредби и оти истите заеднички ги поднеле.

Од СДСМ велат оти прашањато за директен увид во сметките на носителите на јавните функции е затворено и оти државната Комисија за спречување на корупцијата ќе има директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци. Исто така е наведено дека не било дозволено да се воспостави паралелен систем или орган, како што било предложено од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие наведоа дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата останала доследна во одбраната на европските стандарди за воспоставување на ефикасни механизми за спречување на корупцијата.