Во Србија се гради црква во чест на Путин

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Српско село гради црква во почит на Путин

Рускиот претседател Владимир Путин кој утре ќе престојува во Белград веќе во Србија има село, восочна фигура, ракија и неколку кафулиња именувани по него. Сега тој добива и црква.

Со покриви во руски стил црквата во малото село Банстол во северозападна Србија сé уште е во изградба, но веќе е наречена „Путинова црква“.

Бранко Симоновиќ, главниот колектор на фондови за црквата вели дека таа намерно била дизајнирана во руски стил за да се потенцираат вековните братски врски меѓу двата народа.

„Русија секогаш им била сојузник на Србите и помогна колку што може. Србите секогаш барале поддршка од Русија токму поради верскиот контекст“.

Аналитичарите велат дека силните врски меѓу црквите одиграа важна улога во обновувањето на влијанието на Русија откако историскиот сојуз ослабе кога поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито се сврте од Советскиот Сојуз за да ги зајакне врските со Западот.

Видете и ова: Слаб Балкан - Силен Путин

Популарноста на Путин е главно поради тоа што Кремљ ја поддржува Србија во отфрлањето на независноста на поранешната провинција Косово, која српската црква го смета за свое родно место и каде што се наоѓаат стотици нејзини средновековни манастири и цркви.

Денес, кошули со слика на Путин се продаваат на улица, а отворено проруски министри седат во српската влада.

„Гледам дека сликата на Путин е ставена на женски гаќи, златни часовници, мобилни телефони, па зошто еден храм да не го носи неговото име? Мислам дека тој би бил повеќе среќен ова да биде негов бренд“, вели Симоновиќ.

Традиционално тесните врски меѓу Русија и Србија беа обновени кога Путин ги засили напорите за враќање на влијанието на Москва во поранешните комунистички земји во источна Европа.

Интересот на Русија за регионот се однесува на неговата стратешка позиција меѓу Истокот и Западот.

Од осумте соседни земји на Србија, пет се во НАТО, четири во Европската Унија, а две работат на тоа.

Србија се покажа како верен сојузник на Москва, дури и кога земјата официјално бара членство во Европската унија.

Анкетите покажуваат дека повеќето Срби веруваат оти Русија и е најголемиот сојузник и донатор на нивната земја, и покрај многу поголемата економска и друга помош од Западот.

Како и да е црквата, во Банстол привлече десетици илјади долари во донации, од дома и од странство, особено откако беше наречена „Путинова црква“.

Посетата на рускиот лидер на Белград в четврток ќе има и верска конотација.

Тој и неговиот домаќин, претседателот Александар Вучиќ ќе им се обратат на десетици илјади луѓе надвор од најголемиот православен храм на Балканот во кој иконите се насликани од руските уметници.

Но, во Банстол, жителите сега со нетрпение чекаат да видат дали Путин ќе најде време да ја види и својата црква во ова мало село.