Иванов: Објавувањето на законите во Службен весник е незаконско

Macedonia - President Gjorge Ivanov - 1Oct2018

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни, вели претседателот Ѓорге Иванов, откако денеска во Службен весник беше објавен Законот за употреба на јазиците, на кој стои само потписот на претседателот на Собранието Талат Џафери. Еден ден претходно во Службен весник беа објавени и уставните измени со кој се менува името на државата во Република Северна Македонија.

“Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење. Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото”, се вели во писмената реакција од кабинетот на Претседателот.

Во соопштението меѓудругото, претседателот Иванов прашува дали високите претставници на меѓународната заедница, ќе го поддржат овој начин на донесување на закони и дали, како што вели, ваквите преседани ги применуваат во сопствените држави.