Опозицијата најави можен бојкот на претстојните претседателски избори во мај доколку Собранието не изгласа предвремени парламентарни избори.
Во СДСМ за ова прашање се уште не разговарале во партиските тела, а оттаму не откриваат и дали владејачката коалиција ќе излезе со консезуален претседателски кандидат или, пак, партијата ќе кандидира свој.
Можноста за вонредни парламентарни избори се отвора по барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тие да бидат одржани заедно со претседателските, откако на 11 јануари Собранието со двотретинско монозинство ги усвои уставните измени кои произлегоа од Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.
Видете и ова: Мицкоски - Владата силно ќе падне, прашање е дали нешто ќе остане од СДСМРедовни избори во Македонија последен пат беа одржани во 2006 година кога власта ја презема ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ актуелната Влада ја формираше по предвремените избори во 2016 година.
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов за РСЕ вели дека овие прашања се уште не се отворени во рамки на телата на органите на партијата, иако, како што наведува, идејата за одржување на предвремени парламентарни избори треба да биде најпосакувана за владејачката партија, ако го следи само партискиот интерес.
„Но тоа би значело закочување на економскиот раст за три месеци. Сепак, како што рече и премиерот Зоран Заев, од причина што барањето произлегува од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вреди да се разгледа во рамки на партијата“, вели Костадинов.
Од СДСМ претходно се најавуваше дека партиските органи треба да се произесат за сите прашања поврзани со изборите во втората половина на јануари.
Околу тоа какво е расположението во владејачката коалиција на претседателските избори да излезат со заеднички кандидат, Костадинов вели оти тоа не можат да го кажат, бидејќи во јавноста ќе отворат „непотребни прашалници.“
Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти има неколку причини зошто опозицијата повикува на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.
Меѓу нив се уставните измени што опзицијата ги смета за несоодветни и насилни, како и економските неуспеси и недостатокот на реформи, наведе генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
Одржување на предвремени парламентарни избори може да биде „меч со две острици“, коментира политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Според него, можна е политичка придобивка од предвремените избори, но од друга страна, можно е да се одложи економскиот процес кој го очекуваат граѓаните, а го најави и премиерот Зоран Заев за зголемен фокус на економските прашања.
Видете и ова: Хан: Време е за реформи, не за предвремени избори„Евентуални предвремени избори со претседателски, можат да бидат политички корисни за едната или за другата страна. Двете страни си ги претставуваат своите бројќи, а за мене репер се и бројќите од референдумот, на оние кои го поддржаа овој процес и на нив може да им се додаде дел од оние кои не излегоа, бидејќи мотивацијата на парламентарни избори сепак е поголема“, вели Муслиу.
Тој додава дека владејачката коалиција може да има придобивка во однос на евентуални предвремени парламентарни избори, но од друга страна вели дека не се можни придобивки од економски аспект.
„Парламентарните избори значат кочење на некои процеси, не само инвестициски, туку и административни и релативно целото општество се концентрира на нив“, вели Муслиу.
Комуникологот Петар Арсовски истакнува дека во услови кога државата прави радикален чекор и ја менува националната стратегија околу суштински политички прашања, не е нелогично да се организираат нови предвремени парламентарни избори за таквата стратегија да се потврди и за евентулно нов распоред на политичките сили.
„Но, во Македонија ваквото барање доаѓа во најлошо можно време, кога веќе имаме ситуација во која не гази времето за почетокот на преговори со Европската унија оваа година и кога економијата чека некаква стабилизација за да може да тргне напред“, вели Арсовски.
Во таа смисла, додава тој, позитивните работи за предвремените парламентарни избори би биле дека тоа ќе биде некаков ресет и потврдување на оваа стратешка насока за Македонија, а негативно е што ќе изгубиме уште една година во која државата може да направи сериозни чекори напред во економска, а уште повеќе во политичка смисла“, вели Арсовски.
Доколку се одржат, ова ќе бидат петти вонредни парламентарни избори во Македонија. Такви беа организирани во 2008, 2011, 2014 и 2016 година и на сите најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ.