Амбасадорите на мисиите на ЕУ и на ОБСЕ во Тирана, Луиџи Сореца и Бернд Борчард, на денешната средба со лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, побараа од албанската опозиција да се врати во парламентот за изборните реформи. Евроамбасадорот Сореца изјави дека започнал серија состаноци со политички фактори за да изврши притисок за изборните реформи, што е услов за евроинтеграцијата на земјата.
"Опозицијата му припаѓа на Парламентот и ова е постојано барање кое го поставуваме на опозицијата и се надеваме дека таа ќе биде во Парламентот, како во декември. Целта е да се финализира работата направена во документот за заеднички предлози, кои ги задоволуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР," изјави Сореца по средбата.
Двајцата нагласија дека ќе разговараат со сите партии кои имаат пратеници во Парламентот и нема да престанат да бараат од сите нив да ја завршат својата работа во однос на исполнувањето на нивните обврски.