Спорот за името не е единствениот услов за почеток на преговори со Европската Унија и фокусот треба да биде сега врз реформите, а не врз можни предвремени избори, вели во интервју за МИА еврокомесарот Јоханес Хан. Тој не се согласува со ставот на одредени луѓе дека сега е добар момент за предвремени избори, затоа што, како што посочува „нема многу време до следниот извештај на Европската Комисија“.
“Сега кога прашањето за името е на добар пат да биде решено благодарение на одлучноста на лидерите и одговорното однесување на пратениците кои гласаа за договорот,напорите треба да се фокусираат на реформите посебно во владеењето на правото,” вели Хан во интервјуто за МИА.
Сепак според Хан, за Македонија одлуката за старт на преговори сѐ уште не е гарантирана додека не се испорачаат клучните реформи побарани од страна на ЕУ минатиот јуни, посебно реформата на разузнавачките служби, борбата против корупцијата и реформата на судството.
Доколку Македонија не потфрли во делот на реформите, Хан верува дека земјите членки ќе го оддадат должното признание за спорот за името во форма на датум за преговори. Тој се надева дека последните случувања во Грција нема негативно да се одразат врз Преспанскиот договор и е силно уверен дека тој ќе помине од грчка страна.