Владата упати честитка до сите граѓани и од пратениците, како што наведува, за преземената одговорност со којашто на земјата и се отвораат вратите за НАТО и ЕУ.
„Граѓаните на Република Македонија, преку нивните претставници во Собранието, вечерва, со прифаќањето на уставните измени, напишаа ново, историско поглавје на нашата државност“, велат од Владата.
Во соопштението се вели оти тоа е чин кој оддава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ.
„Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата“, велат од Владата и додаваат:
„Остварувањето на овие придобивки дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија. При тоа, македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме - остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, е наведено во владиното соопштение.