Во целост е одобрено обвинението за случајот „Талир“ од Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд.
Се работи за обвинението за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Почетокот на судењето дополнително ќе биде утврден.
Второто обвинение за истиот случај, за незаконска изградба, веќе е распределен кај судија за оценка на обвинителен акт и по донесено решение, Судот навремено ќе ја информира јавноста, се наведува во соопштението.
Во случајот „Талир“ за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.
Специјалното јавно обвинителство на 22 ноември минатата година до скопскиот Кривичен суд поднесе два обвинителни акта како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „Талир“.
СЈО ја раздвои постапката во предметот „Талир“ и поднесе две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинетата Чингаровска ја призна вината во случајот „Талир“ и се спогоди со Специјалното јавно обвинителство. Судот ја осуди на двегодишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните пет години не стори ново кривично дело.