Продолжението на седницата на која треба да се усвојат уставните амандмани не е почната, иако беше најавено дека треба да почне во 15 часот. Првично, седницата беше најавена за во 13 часот, па беше одложена за во 15, но сè уште не е почната.
Премиерот Зоран Заев претходно денеска изјави дека сè уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.
Заев претходно рече дека очекува пратеникот Панчо Минов од ГРОМ да гласа за уставните измени, но и оти сè уште не може да каже дека се обезбедени потребните 80 пратеничките гласови.
Во меѓувреме, пред Собранието се одржува протест против промена на името во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“. На протестите од вчера им се приклучи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, Христијан Мицкоски, кој треба да се обрати пред Собранието, вчера изјави дека нема да учествуваат на седницата и нема да дадат легитимитет за промена на Уставот.