Снег и собраниска неизвесност

Протест пред Собранието против уставните измени..

Македонија, Скопје и речиси сите градови и населени места блокирани од обилен снег, но и од немањето двотетинско мнозинство за последната, трета фаза за усвојување на уставните амандмани – обврска што произлегува од Преспанскиот договор.

„Заев побара позитивна одлука што ќе ја приближи Македонија до членството во НАТО“, насловија Нова Македонија и Слободен печат по обраќањето на премиерот до пратениците на собраниската седница што почна со одложување во 16 часот во средата.

Нова Македонија пренесува дел од интервјуто на премиерот Заев за Сител, во средата вечер, во кое изјави дека „сè уште нема двотретинско мнозинство за усвојуање на уставните измени, но тоа ќе се знае на самиот чин на гласање“.

Електронските изданија на печатените медиуми информираат и за протестите на здруженијата ’Тврдокорни‘ и ’Македонија блокира‘ пред Собранието: „Граѓаните децидни: Остануваме тука за одбрана на македонското име, идентитет и историја“ – одбра наслов Вечер, а Слободен печат наслови: „Четворица приведени на протестот пред Собранието“. Нова Македонија напиша: „Протестот ќе продолжи заедно со седницата за уставните измени“.

Слободен печат ја пренесува дописничката на МИА од Атина: „Ципрас: Во текот на јануари Договорот од Преспа во грчкиот Парламент“. Порталите на печатените медиуми информираат и за посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина со акцент дека во разговорите со премиерот Ципрас и со претставниците на грчките опозициски партии ќе станело збор и за преспанскиот договор. И Грција има проблеми со снегот, но и со коалициската влада поради Преспанскиот договор.

Нова Македонија ја пренесува информацијата на МИА од Атина дека „Ципрас и Каменос во петок ќе одлучуваат за судбината на коалцијата додека се приближува моментот кога Договорот од Преспа ќе стигне на грчки терен“.

„Пет милиони евра ќе нè чини новиот шеф на државата“ – го цитира Независен претседателот на ДИК, Оливер Дерковски. Додава дека ќе се гласа на стариот начин, со ултравиолетова ламба и спреј.

Тема во печатените медиуми е и скандалот со погрешните налепници на МРП вакцините дистрибуирани од Македонијалек. Вечер пишува: „Филипче ќе ја затвори Македонијалек поради ’застарените вакцини‘ – ако се утврди пропуст“. Друг наслов во Вечер гласи: „По скандалот со застареноста: Белгијците доаѓаат да направат контрола на нивните вакцини во Македонија“.

Слободен печат информира дека на Индексот на демократија за 2018 година на британскиот неделник Економист „Македонија напредна за десет места“, а Независен го има следниов наслов: „Индекс на демократија 2018: Норвешка прва, Македонија на 78 место“, со додавка дека напреднала за десет места во споредба со претходната година.

И како за крај, една ведра вест во Вечер од Охрид со наслов на охридски дијалект: „Можит нема сонце, ама идеи, и то добри ИМАТ! За смештај ак требит некому!“ Во текстот, покрај фотографијата, се објаснува дека „Снегот што непрестајно врне во Охрид ја разбуди фантазијата на охриѓани – на градскиот плоштад никна игло“.