Од ВМРО-ДПМНЕ попладнево преку соопштение најавија дека нивниот претседател Христијан Мицкоски пред Собранието ќе се обрати утре.
“Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес јасно го изрази својот и ставот на партијата дека ВМРО нема да поддржи уставни измени и нема да даде легитимитет на нешто што нема легитимитет од народот. Во текот на утрешниот ден Мицкоски, во својство на еден од многуте граѓани, ќе се обрати пред Собранието на Република Македонија”, наведуваат од опозициската партија.
Мицкоски претходно придружуван од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повтори дека тие нема да учествуваат на дебатата за уставните измени по што заминаа на протестот пред Собранието зад кој стојат неколку организации. Насобраните го повикуваа неколкупати да им се обрати на граѓаните и јавно да им каже дали ќе гласаат или ќе одбијат да гласаат, но тој не се одзва на нивните повици.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека и покрај “уфрлените елементи кои сакаат да го дефокусираат самиот протест граѓаните покажаа достоинство и не подлегнаа на поединечните провокации”.