Уште две деца од Скопје се заразени со морбили. Тие се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Откако Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили, во оваа здравствена установа се лекувани 13 лица. Вчера на домашно лекување се пуштени четири деца. Од почетокот на епидемијата досега се вакцинирани 10 отсто од невакцинираните деца или околу 1.300 деца.
“Контролите за вакцините МРП со погрешни декларации ќе завршат до крајот на денот, а за тоа кој го направил пропустот ќе каже истрагата. Важно е што по овој случај не се намали имунизирањето на децата против мали сипаници”, информира министерот за здравство Венко Филипчепо по отворањето на првата „Родителска куќа“ наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница, а не живеат во Скопје.
Филипче појасни дека контролите на увезените вакцини не биле направени кај нас по увозот, туку во една од четирите лаборатории во Европа, кои вршат биолошки испитувања.
“При увоз, вакцината треба да има сертификат дека е испитана во европска лабораторија, а кај нас овие биолошки анализи не се вршат. Во тек се контролите на МАЛМЕД и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Резултатите за овој случај со стари лепенки ги очекуваме во текот на денот. Вакцините се безбедни и со добар рок, рече министерот за здравство.
Вонредни контроли од пред неколку дена се вршат и во „Македонија лек“, каде по техничка грешка, како што соопштија оттаму, биле залепени стари декларации, но и во вакциналните пунктови во земјата. Филипче најави дека поради ваквиот пропуст на дистрибутерот „Македонијалек“, можно е одземање на лиценцата за работа како и раскинување на сите договори со оваа компанија.
Министерот за здравство потврди дека по грешката со декларациите наскоро ќе пристигнат претставници и од белгискиот „Глаксо Смит Клајн“, компанија производител на МРП вакцините.