Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека уставот се менува „не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски“.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да учествува во тој „срамен процес“ и нема да му дадат легитимитет.
Според Мицкоски, до промена на името се доаѓа „преку пазарења, драконски уцени и за таа цел има масовна злоупотреба на обвинителството и судскиот систем“.
„На референдум Зоран Заев не доби поддршка за промена на Уставот и името, туку тоа го прави на криминален начин, преку користење на судските и обвинителските механизми за уцена на пратеници да гласаат. Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните, туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани“, рече Мицкоски.
Тој рече дека тоа не се европски вредности и се лажат тие што мислат дека на овој начин „ќе станеме европска Македонија“ и оти „отпорот е она што ни преостанува“.
Тој рече дека мирно ќе протестира против промена на Уставот и откако ја даде изјавата пред Собранието, им се придружи на демонстрантите од движењата Тврдокорни и „Македонија бојкотира“. И покрај нивните барања, тој сепак не им се обрати на демонстрантите од бината.