По годината на храбро лидерство следат тешки стратешки одлуки кои Договорот од Преспа ги бара од демократски избраните лидери за да го одредат најдобриот курс за земјата. САД ја поддржуваат Македонија и она што граѓаните и лидерите ќе решат дека е од најдобар интерес за земјата. Ние знаеме дека компромисите во Договорот од Преспа не се лесни, но ова навистина е историска можност за Македонија и за регионот, што ќе доведе до посигурна, побезбедна и попросперитетна иднина, изјави американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли во новогодишното интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Бејли вели дека Договорот од Преспа ќе ѝ овозможи на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ и ќе придонесе за регионалната стабилност, безбедност и просперитет.
„Заменикот државен секретар, Џон Саливан, беше во Македонија пред неколку недели и сите нè потсети дека светот драматично се промени во изминатите 20 години. Натпреварот и конфликтот меѓу големите сили се вратија на главната сцена, со лоши актери кои сакаат да го нарушат и дестабилизираат демократскиот систем. За да ги поразиме, потребни ни се силни држави, со цврсти демократски основи, слободни медиуми и раздвижени и отворени пазари. Искрено веруваме дека Македонија, целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ, ќе биде силен сојузник во нашиот заеднички просперитет и нашата заедничка безбедност“, рече Бејли.
За амнестијата за многумина кои беа инволвирани во нападот на Собранието на 27 април, Белји оценува дека тоа била важна политичка одлука чија вредност ќе се потврди според тоа дали ќе се изгради национален консензус потребен за да се реализира желбата на мнозинството граѓани за членство во НАТО и во ЕУ. Тој притоа додава дека е важно, оние кои ги организираа нападите на 27 април, да бидат земени на одговорност за своите постапки, а за време на целиот овој процес, судството мора да остане независно од политички влијанија и слободно да решава за овие случаи врз основа на факти и закони.
Процесот на пристапување во НАТО, вели Бејли, е веќе во тек. Претставници на НАТО и на Владата на Македонија ги подготвија протоколите за пристапување и штом Договорот од Преспа биде целосно имплементиран, тие ќе бидат финализирани, а продолжувањето на реформите ќе биде дел од тие протоколи. Тука, потсетува, влегуваат напорите за зајакнување на судската независност, одговорност на функционери за корупција и злоупотреба на овластувања, како и реформа во разузнавачкиот сектор. Штом сите 29 сојузници го ратификуваат Протоколот за пристапување, Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО, нагласува амбасадорот Бејли.